Аргентина вчера објави дека укинала 15 илјади работни места во државните институции како дел од агресивната кампања на новиот претседател Хавиер Милеи за намалување на јавната потрошувачка, а отпуштените службеници повторно упаднале на нивните работни места со тапани, барајќи да се укине одлуката.
Портпаролот на претседателот, Мануел Адорни, на прес-конференција ги најави отпуштањата, опишувајќи ги како клучна алатка за реорганизација на јавниот сектор што Милеи ја најави во претседателската кампања, со цел, како што рече, „да се намалат трошоците на државата“.
Разрешените службеници, додаде тој, „можеби немале посебно дефинирани работни задачи“.
Стотици отпуштени работници, од кои некои беа известени за нивните отпуштања минатата среда, а други во претходните недели, синоќа упаднаа на нивните поранешни работни места во Буенос Аирес и во други градови. Некои удираа по тапаните, тврдејќи дека отказот е неправеден и бараа да се вратат на работа.
И покрај дождот, толпа луѓе облечени во зелени маици од Здружението на државни службеници (АТЕ), најголемиот синдикат во земјата, се преполни пред зградите на министерството. Имало и тепачки кога полицијата се обидела да ги избрка.
Отпуштените работници ветија дека ќе продолжат да доаѓаат во нивните канцеларии, а нивните претставници порачаа дека „борбата допрва почнува“.