Сопственикот на италијанската модна империја Џорџо Армани не ја исклучи можноста неговата компанија во иднина да се спои со поголема фирма.
„Независноста од големите групи може да продолжи да биде движечка вредност за „Групата Армани“ во иднина, но не чувствувам дека можам да исклучам ништо“, рече Џорџо Армани во писменото интервју за Блумберг.
Според неговите зборови, успехот на „Армани“ отсекогаш бил последица на приспособувањето на промените што ги носи времето.
Џорџо Армани, кој за три месеци ќе го прослави својот 90-ти роденден, навести значајни промени во однос на претходниот период, во кој инсистираше на независност на брендот „Армани“.
„Во моментов, не предвидувам некој голем луксузен конгломерат да не преземе, но како што реков, не сакам да исклучувам ништо априори, бидејќи тоа би било непретприемачки начин на дејствување“, додаде тој. .
Сопственикот на Армани, кој според листата на милијардери на Блумберг има имот од 6,6 милијарди долари, сега е отворен за можно ИПО и наведува дека тоа е „опција што може да се разгледа, се надеваме во далечна иднина“.
Доколку некоја поголема модна компанија го преземе Армани, ќе треба да одвои меѓу осум и 10 милијарди евра, според аналитичарите на Блумберг.
Њујоршката агенција потсетува дека „Армани“ пријавил приходи од 2,4 милијарди евра за 2022 година, додека францускиот моден конгломерат LVMH истата година имал приходи од речиси 80 милијарди евра.