Арсовска: Владата планираше дестабилизација на Скопје преку јавни претпријатија

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, тврди дека добила информации за договор во владата за, како што вели, „создавање хаос во Скопје преку јавни претпријатија“.

Според неа, целта е да се одвлече вниманието од легализацијата на дивоградбите во Чаир, за која вели дека зборувала во последно време.

„Нивниот мултимилионски бизнис се дестабилизира. Ганиу, Меџити и Адеми се дестабилизираат. Утрово ми кажаа дека смислиле план за дестабилизација на Скопско сега. Ќе почнат со JCП, потоа со Општинската хигиена и ќе создадат хаос за да дефокусираат и да владеат. Ова ќе се случи од денес. Бизнис коалицијата со Ганиу, Меџити и Адеми не треба да страда.“

Инаку, вчера во Градскиот совет на град Скопјe, имаше неуспешни обиди да се дискутира токму за оваа тема, но точката не доби никаква поддршка за да биде ставена на дневен ред.

Арсовска неодамна објави документи за кои тврди дека докажуваат дека во Општина Чаир се правени фалсификати за легализирање на објекти кои, според законот, не можат да се легализираат.