Арсовска го обвини Висар Ганиу за легализација на згради со фалсификувани документи: „Те чекам на главна каса“
– Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во ново видео обраќање на нејзината официјална Фејсбук страница, остро го нападна градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, обвинувајќи го за сериозни нерегуларности и злоупотреби при легализација на дивоградби.
Во живо вклучување од Чаир, Арсовска јавно покажа зграда за која тврди дека е изградена без соодветна дозвола на државно земјиште, а сепак добила легализација врз основа на – како што вели таа – фалсификувани документи. Според градоначалничката, станува збор за објект од 10 ката, кој првично бил одбиен од страна на Град Скопје, но подоцна сепак е впишан во Катастар.
„Фалсификувањето документи е кривично дело. Ќе одговараш, Ганиу. Те чекам на главна каса!“, порача Арсовска во обраќањето, потенцирајќи дека ова е веќе втора зграда во Чаир која била легализирана на сличен начин.
Дополнително, Арсовска откри дека објектите биле нелегално приклучени на водоводна мрежа, а се сомнева дека се врши и кражба на електрична енергија. Таа најави дека надлежните инспекции од Град Скопје ќе продолжат со засилени контроли во овој дел од градот.
Ова не е првпат Арсовска да се судри со Ганиу. Минатата недела, на 21 мај, таа направи слична инспекција во Чаир, шетајќи низ улиците со службени лица, повикувајќи го Ганиу да одговори како и зошто се гради на диво на јавен имот.
Од Општина Чаир засега нема официјална реакција на обвинувањата.
Градската администрација најавува поднесување кривични пријави, а јавноста со интерес очекува дали истрагата ќе потврди постоење на фалсификати и дали ќе има правни последици за инволвираните.