Артан Груби: “Законите за коридорите нема да паднат на Уставен, координирани се надлежните служби од Владата и министерства за спорните 60 работни часа“
Законите за коридорите нема да паднат на Уставен суд, консултирани се сите надлежни служби во однос на 60-те работни часови за работниците, изјави првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби во Тетово, одговорајќи на новинарски прашања.
Тој нагласи дека законското решение им овозможува на работниците со претходна писмена согласност да работата прекувремено и да бидат платени.
– Нема да паднат на Уставен. Не верувам дека ќе паднат на Уставен. Не гледам причина зошто би имало иницијатива до Уставен затоа што никаде во законите не се споменува спорната бројка од 60 работни часови. Се координира целата работа со правната служба во Владата, со Законодавно-правната комисија, со сите експерти што ги има Владата, и министерствата и Министерството за труд и социјална политика, така што нема апсолутна никаква причина ниту да се оспори, ниту да се разгледува, претпоставувам од Уставниот суд. Всушност, законското решение предвидува дека работниците можат да работат прекувремено што можат и сега, но за тоа ќе треба да дадат писмена согласност дека прифаќаат да работат прекувремено и за тоа мора да им се плати, изјави Груби.
Првиот потпретседател на Владата и министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Груби, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, денеска присуствуваа во околината на Тетово, по повод почетокот на работите за изградба на Коридорот 8.