Аспазија Софијанова: “Бактеријата ‘Ешерихија коли’ ја предизвикала сепсата кај новороденчето од Прилеп“
Бактеријата „Ешерихија коли“ ја предизвикала сепсата кај новороденчето од Прилеп, потврди за МИА доктор Аспазија Софијанова, одговорна докторка на неонаталната интензивна нега на Клиниката за детски болести во Скопје, каде што почина бебето.
Таа посочи дека бебето било донесено од Прилеп на Детската клиника во Скопје во тешка состојба со откажување на бубрезите и на белите дробови.
„Се работи за новороденче во извонредно тешка состојба, со откажани бубрези, и во една многу лоша пребоеност на кожа и тешко дишење, тоа укажува дека страда. Прво го ставиме на неинвазивна вентилација и на ренген се виде дека има белодробно замачкување што во превод значи некој вид на инфекција. Детето било со инфекција од претходните четири дена или од мајката при раѓање или во текот на првите четири дена“, појаснува Аспазија Софијанова.
Додава дека состојбата кај новороденчето не била добро забележана од страна на медицинските лица во Болницата во Прилеп.
„Постојат работи кои не се направени како на пример посуптилни анализи кои укажуваат дека внатре се криела бактерија, која кај новороденчињата се шири со светлосна брзина“, појаснува таа.
Директорката на Клиниката, д–р. Стојка Нацева-Фуштиќ во разговор за МИА вели дека новороденчето било примено во тешка здравствена состојба, со нарушена свест, нерегуларно дишење и дека веднаш било однесено на одделот за интензивна терапија. Дадена му била респираторна поддршка во почетокот со неинвазивна вентилација, а потоа до вечерта било поставено на механичка вентилација.
„Она што сме добиле како микробиолошки наод е позитивна Ешерихија коли во дишните патишта, додека двете хемокултури останаа стерилни, односно немаме изолација на бактерија од хемокултурата, тоа не значи дека сепсата не била причинета од бактериски причинител, очигледно е дека по клиничката слика и биохемиските наоди, односно високите вредности на прокалцитонин како ран маркер на неонатална рана сепса, меѓутоа детето во Прилеп примало антибиотска терапија која не знам колку пати е дадена, меѓутоа антибиотксата терапија може да го негативизира наодот“, изјави Стојка Нацева-Фуштиќ.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат денеска извести дека ќе изврши вонреден инспекциски надзор во Прилепската болница.