– Бројот на загинати во разорните земјотреси на југот на Турција се искачи на 40.642, изјави шефот на Агенцијата за справување со катастрофи и вонредни состојби на Турција (АФАД), Јунус Сезер, јавува Анадолу.
Како што истакна, на подрачјата погодени од двата разорни земјотреси регистрирани се над 5.700 последователни земјотреси.
„Денес повторно имавме добри вести во операциите за пребарување и спасување. Имавме граѓани кои го преживеаја 13-тиот ден. Тоа ни даде и надеж и среќа. За жал, се бележи пораст на бројот на наши граѓани кои ги загубија животите. Бројот на загинати порасна на 40.642“, изјави Сезер.
Како што истакна, операциите за пребарување и спасување во најголем дел се завршени.
„Вчера во Хатај беа спроведени акции за пребарување и спасување во околу 200 објекти. Денеска во 98, а од утре овде во голема мера ќе дојдеме до крајот. Исто така, ни останаа уште 19 објекти во Кахраманмараш. Нашата работа овде, вклучително и локацијата Ебрар, продолжува“, појасни Сезер.
Тој рече дека на потрага и спасување во Хатај работат 13.000 луѓе.
Сезер им се заблагодари на меѓународните единици за пребарување и спасување, на вкупно 11.488 луѓе кои дојдоа од 80 земји за пружање поддршка.
Земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала, со епицентар во областа Кахраманмараш, погодија уште 10 турски области на југот на земјата населени со над 13 илјади луѓе, уништувајќи илјадници згради.