АФРИКА ЌЕ ЈА ‘РЕШИ’ ВОЈНАТА ВО УКРАИНА !? Владимир Путин и Володимир Зеленски дале ‘зелено светло’ за средба со делегација на претседатели на неколку африкански земји

Јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса денес изјави дека претседателите на Русија и Украина се договориле да разговараат за планот за ставање крај на војната во Украина со делегација на претседатели на африкански држави на одвоени состаноци.

За време на викендот, Кирил Рамафоса телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кои му кажале дека ќе бидат домаќини на африканските претседатели во Москва и Киев.

Во мировната мисија, покрај Кирил Рамафоса, ќе бидат вклучени и претседателите на Замбија, Сенегал, Конго, Уганда и Египет, соопштија од кабинетот на претседателот на Јужноафриканската Република.

Во соопштението се наведува дека Владимир Путин и Володимир Зеленски дале зелено светло за почеток на подготовките за средбите, но без дополнителни информации за можните параметри на разговорите.

Володимир Зеленски претходно кажал дека нема да размислува за мировен договор за ставање крај на војната додека руските вооружени сили целосно не се повлечат од украинската територија.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш е информиран за планираните состаноци на африканската делегација и ја поздравува иницијативата.