Барселона вечерва би можела да изведе стартен состав како никогаш досега во 125-годишното постоење на клубот
Барселона вечерва ќе го пречека Виљареал во 37-то коло од шпанската Ла Лига. Ова ќе биде можност за играчите на Барселона да се претстават пред своите навивачи како шампиони на Шпанија, со оглед на тоа што титулата ја освоија во последното коло со победа на гостински терен кај Еспањол.
Тренерот на Барселона, Ханси Флик, пред денешниот натпревар изјави дека ќе има ротација во поставата, а најави и можност за постава што би можела да влезе во историјата на клубот.
Флик рече дека размислува сите играчи кои поминале низ школата на Ла Масија, легендарната младинска академија на Барселона, да играат во почетниот состав утре.
„Разговаравме за потенцијален состав со сите 11 играчи од Ла Масија. Постои шанса тоа да се случи“, рече Флик.
Доколку Флик навистина го направи тоа, тоа ќе биде прв пат во 125-годишната историја на Барселона на официјален натпревар сите единаесет стартери да бидат производи на нивната фудбалска академија.
Составот на Барселона кој би можел да излезе на терен вечерва во 19 часот треба да изгледа вака: Ињаки Пења, Хектор Форт, Пау Кубарси, Ерик Гарсија, Давид Одуро, Марк Касадо, Гави, Фермин Лопез, Тони Фернандез, Ансу Фати, Ламине Јамал.