– Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека обновата на Лос Анџелес по разорните шумски пожари ќе чини десетици милијарди долари.
„Иако федералната Влада ќе покрие 100 отсто од трошоците за следните 180 дена за работи, како што се плати за прекувремена работа на пожарникарите, отстранувањето на отпадот и привремените засолништа, сепак ќе чини десетици милијарди долари Лос Анџелес да се врати таму каде што беше“, рече Бајден на брифингот со службениците за вонредни состојби.
Тој истакна дека Конгресот ќе треба да ја забрза работата за обезбедување средства за помош на погодените од шумските пожари.
Најмалку 24 луѓе загинаа од почетокот на пожарите минатиот вторник, а повеќе од 12.000 објекти, домови, деловни објекти и храмови се претворени во пепел.
Над 40.000 хектари се опожарени во пожарите во Итон, Палисејдс, Кенет и Хрст, според Калифорнискиот оддел за шумарство и противпожарна заштита. Продолжуваат напорите за локализирање на пожарите.
Бајден рече дека државните, локалните и федералните пожарникари успеале да спречат најголемите пожари да се прошират во нови подрачја.
„Со други зборови, тие беа во можност да ги локализираат пожарите, 14 отсто се локализирани пожарите во Пацифик Палисејдс, 33 отсто пожарот во Пасадена, 95 отсто во Силмар, а пожарот во Вентура е 100 отсто под контрола. И тоа е напредок“, додаде тој.
Претседателот истакна дека луѓето погодени од пожарите ќе добијат еднократна исплата од 770 долари.
„Досега речиси 6.000 преживеани се регистрирани за таа исплата. И за тоа веќе се исплатени 5,1 милиони долари. Ги охрабрувам сите, сите што се погодени да побараат помош“, рече тој, ветувајќи дека ќе направи „сѐ што е можно“ за да им помогне на жителите на Лос Анџелес да ја пребродат катастрофата.