Бајден му порача на Иран да не тргнува во напад на Израел

– Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џо Бајден го предупреди Иран да не тргнува во напад на Израел.

Локалните медиуми од Блискиот Исток пишуваат за можен ирански напад врз Израел во знак на одмазда за неодамнешниот напад на иранскиот конзулат во Дамаск, Сирија.

„Посветени сме на одбраната на Израел. Ќе го поддржиме Израел. Ќе помогнеме во одбраната на Израел, а Иран нема да успее“, изјави американскиот претседател Бајден пред новинарите додека ги завршуваше виртуелните коментари до група за граѓански права.

Израел е во состојба на висока готовност поради јавното ветување на Иран дека ќе нападне израелски цели како одмазда за воздушниот напад на 1 април врз неговиот дипломатски објект во главниот град на Сирија.

Во нападот загинаа најмалку седум припадници на иранската Исламска револуционерна гарда.

Иран го обвини Израел за нападот и вети дека ќе одговори. Израел, меѓутоа, официјално не ја презеде одговорноста за нападот, но со месеци извршува низа напади врз ирански цели низ Сирија.

И Иран и Хезболах, неговиот главен сојузник во Либан, рекоа дека нападот нема да помине неказнето.