Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Конгресот ќе биде обвинет за „речиси криминална небрежност“ на Украина доколку не го усвои предлог-законот за финансирање и му се заблагодари на германскиот канцелар Олаф Шолц за воената помош на Киев.
Шолц, кој беше во кратка посета на Вашингтон за да ги поддржи напорите на Бајден да обезбеди финансирање за Украина, се состана со претседателот во Белата куќа за да разговара за руската агресија врз Украина, како и за кризата на Блискиот Исток.
Белата куќа со месеци предупредува дека неуспехот на пратениците да му помогнат на Киев ќе ја оштети неговата способност да се бори против Русија две години откако Москва ја нападна Украина.
„Неуспехот на Конгресот на САД, доколку се случи да не ја поддржи Украина, е блиску до криминална небрежност. Тоа е скандалозно“, рече Бајден во Овалната соба.
Зборувајќи за новинарите пред состанокот, Шолц рече дека е охрабрен од потегот на американскиот Сенат да го унапреди предлог-законот во вредност од 95,34 милијарди долари, кој вклучува помош за Украина, Израел и Тајван, откако републиканците го блокираа компромисниот предлог-закон со кој се вклучени реформи за имиграцијата.
Инаку, САД и Германија се меѓу земјите кои најмногу и помогнале на украинската држава во борбата против Русите, кои ја започнаа инвазијата на 24 февруари 2022 година.