Бајден: САД немаат никаква врска со бунтот на групата Вагнер

Американскиот претседател Џо Бајден изјави за време на настан во Белата куќа дека бунтот на групата Вагнер „е дел од борбата во рускиот систем“ меѓу паравоените сили и руската влада.

Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џо Бајден изјави во понеделникот дека Вашингтон „нема никаква врска“ со бунтот на Вагнер групата против руската администрација, јавува Anadolu.

Бајден за време на настанот во Белата куќа рече дека бунтот на групата Вагнер „беше дел од борбата во рускиот систем“ меѓу паравоените сили и руската влада.

„Ќе продолжиме да ги проценуваме последиците од она што се случи викендов и импликациите за Русија и Украина. Но, сè уште е рано да се донесе конечен заклучок за тоа каде оди ова“, рече Бајден.

Американскиот претседател рече дека, без оглед на ситуацијата што следи, ќе се погрижи сојузниците и партнерите на САД тесно да соработуваат и да дејствуваат координирано.

Паравоената група Вагнер ги обвини руските сили дека ги нападнале нејзините борци во петокот, а групата потоа премина од Украина во рускиот град Ростов-на-Дон. Како одговор, Федералната служба за безбедност во Русија отвори кривична постапка против Вагнер за „вооружен бунт“. Рускиот претседател Владимир Путин го нарече бунтот на Вагнер како чин на „предавство“.

Шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин подоцна тврдеше дека неговите борци решиле да се вратат назад за да избегнат крвопролевање кога биле на 200 километри од Москва.