БЕЗ ВЛАКНА НА ЈАЗИКОТ – Француската фудбалска легенда ‘удри’ по Лионел Меси: “Не го сакаме во клубот, тој мора да си замине!“
Француските медиуми не го штедат најдобриот тим на францускиот шампионат, кој без шут на голот падна против Баерн Минхен во Лигата на шампионите (0:3), а на удар се најголемите ѕвезди како Килијан Мбапе и Лионел Меси.
Токму Меси се најде на специјален удар од Жером Ротен, поранешен играч на ПСЖ кој ги бранеше боите на парискиот клуб помеѓу 2004 и 2009 година. Тој го критикуваше Меси, најдобриот фудбалер во светот за 2022 година според изборот на ФИФА (наградата за најдобар), како никој досега.
„Не го сакаме, мора да го напушти клубот. Не сака да инвестира во овој клуб. Ги прочитав неговите изјави каде вели дека добро се прилагодил, но на што се прилагодил ? Со постигнување 18 гола и 16 асистенции на натпреварите против Анже и Клермон ? На важните натпревари тој целосно исчезнува“, изјави Ротен за RMC Radio, искрено и без влакна на јазикот.
„Тоа е шега бидејќи сите ги гледавме неговите натпревари на Светското првенство и како игра кога е посветен на тимот. Знам дека играњето за репрезентацијата е друга работа, но мора да го почитувате клубот кој ве плаќа. Толку може да му плати ПСЖ. Сега во ПСЖ се паднати затоа што мислеа дека Меси ќе им помогне да ја освојат Лигата на шампионите, но на крајот не ни помага да освоиме ништо“, заклучи поранешниот француски репрезентативец.