“БЕЗ ИЗНЕНАДУВАЊА“ – Повеќе дипломатски извори тврдат: “Јенс Столтенберг ќе биде потврден за уште еден нов мандат!“
Се очекува во вторник членките на НАТО да се договорат за продолжување на мандатот на генералниот секретар Јенс Столтенберг за уште една година, потврдија во понеделникот четворица дипломати, пренесува медиумската агенција Reuters.
Имаше многу сигнали кои укажуваат на таква одлука во последните недели, но сега се очекува амбасадорите на НАТО официјално да го одобрат продолжувањето на мандатот на генералниот секретар на Алијансата за време на состанокот во вторник, тврдат дипломатите, кои сакаа да останат анонимни за медиумската агенција.
Јенс Столтенберг ја предводеше НАТО Алијансата низ серија кризи откако ја презеде функцијата во 2014 година, а неодамна ги собра членките на НАТО за поддршка на Украина додека се обидуваше да спречи војната таму да ескалира во директен конфликт меѓу НАТО и Русија.
Јенс Столтенберг (64 г.) е поранешен премиер на Норвешка. Тој требаше да го заврши својот мандат како врвен цивилен функционер во трансатлантската безбедносна Алијанса на крајот на септември, но сега најверојатно ќе остане на функцијата уште 12 месеци.
Генералниот секретар на НАТО во февруари изјави дека не бара продолжување на договорот. Но, членките на НАТО побараа од него да го прифати откако не постигнаа консензус за наследник.
Меѓу кандидатите беа и британскиот министер за одбрана Бен Валас, кој отворено кажа дека би ја сакал работата, и данската премиерка Мете Фредериксен, која јавно инсистираше на тоа дека не е кандидат за таа работа.