Бектеши: Има заинтересирани за изградба на гасоводот до Грција

Министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за Радио Слободна Европа вели дека многу компании се заинтересирани за изградба на гасниот интерконектор што ќе не поврзува со Грција. Бектеши додава дека се планира да се користи моделот на јавно-приватно партнерство во Осломеј, каде може да се развива водоводната мрежа за Кичево, слично како Скопје.

„Во делот на Неготина се планира да се трансформира во гасна и водородна централа, а ние како министер веќе донесовме одлука да испратиме писмо за интерес до соседните земји, бидејќи предвидуваме да имаме голем капацитет од над 600 MW часа каде што ќе ги вклучиме нашите соседи особено од Западен Балкан. Имавме предвид дека на овој начин ќе го направиме нашиот енергетски систем регионален и на тој начин ќе се спојат пазарите за да има пофункционална размена и да има сигурност во снабдувањето со електрична енергија“, вели тој.

Министерот додава дека 1 февруари е крајниот рок за пријавување на заинтересираните за изградба на интерконекторот со Грција.

„Досега има многу компании кои се заинтересирани, меѓународни и локални, и уверен сум дека ќе биде успешен процес со изградба што ќе започне околу март и ќе се планира не повеќе од 18 месеци комплетно нова цевководна мрежа. Како држава ќе ни ја зголеми безбедноста на снабдувањето и нема да бидеме зависни само од Русија и Бугарија“, рече Бектеши.