Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, го цени извинувањето на Илон Маск, соопшти денес Белата куќа, неколку часа откако милијардерот изрази жалење за некои објави што ги објави на социјалните мрежи минатата недела.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, исто така изјави дека американската администрација не презела никакви чекори во насока на владини договори со компаниите на Маск, објави Ројтерс .
„Њујорк тајмс“ денес објави, повикувајќи се на три извори, дека Трамп добил телефонски повик од Илон Маск доцна во понеделникот и дека Маск изразил жалење за некои од неговите објави на социјалните мрежи минатата недела.
Американскиот претседател минатата недела изјави дека нема желба да го поправи односот со Маск по јавната расправија, велејќи дека мисли оти нивната врска е завршена.
Тој додаде дека смета оти Републиканската партија е пообединета по расправијата со сопственикот на Тесла, истакнувајќи дека нема планови да разговара со Маск во скоро време.
„Премногу сум зафатен со други работи. Немам намера да разговарам со него“, рече тој.
Трамп, исто така, го обвини Маск дека покажува „непочитување кон претседателството“.