Американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден и првата дама Џил Бајден ќе присуствуваат на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп во јануари, изјави портпаролот на Белата куќа Ендрју Бејтс.
„Претседателот вети дека ќе присуствува на инаугурацијата на кој и да победи на изборите“, рече Бејтс, пренесе Ројтерс.
Тој изјави дека Џозеф и Џил Бајден ќе го исполнат тоа ветување и ќе присуствуваат на инаугурацијата. Трамп и Бајден се сретнаа на 13 ноември во Белата куќа , откако американскиот претседател во заминување рече дека ќе ја олесни непречената транзиција на власта.
Традиционалната средба меѓу заминувачкиот и новоизбраниот претседател не се одржа по изборите во 2020 година, кога Трамп по поразот изјави дека изборите биле украдени во корист на Бајден и на демократите. Потоа го напушти Вашингтон и не присуствуваше на инаугурацијата на Бајден. Така, тој стана првиот претседател што го сторил тоа по Ендрју Џексон, кој ја избегнал инаугурацијата на Улис Грант во 1869 година.
Пред осум години, по победата на изборите во 2016 година, Трамп имаше 90-минутна средба во Овалната соба со тогашниот претседател во заминување Барак Обама .
Официјално, процесот на политичка транзиција во САД не вклучува средби меѓу заминувачкиот и новоизбраниот претседател, а неформална практика е воспоставена кога во 1841 година претседателот во заминување Мартин Ван Бурен го угости новоизбраниот Вилијам Хенри Харисон на вечера во Белата Куќа.
Трамп официјално ќе ја преземе функцијата на 20 јануари 2025 година по церемонијата на инаугурација.