– Белата куќа соопшти дека е „сè повеќе уверена“ дека шефот на озлогласената руска приватна воена компанија загинал во уривањето на неговиот приватен авион близу Москва минатата недела.
„Сè повеќе сме уверени дека Пригожин загинал во авионската несреќа што се случи на 23 август“, изјави за новинарите портпаролката Карин Жан-Пјер, мислејќи на Евгениј Пригожин, поранешниот челник на групата „Вагнер“, руска приватна воена компанија чии операции беа клучни за руската војна во Украина и кој дејствуваше во името на Кремљ во Сирија и Африка.
Русија претходно соопшти дека Пригожин е меѓу десеттемина загинати во уривањето на приватниот авион „Ембраер“ што се урна набрзо по полетувањето од Москва за Санкт Петербург. Во несреќата починаа и коосновачот на „Вагнер“, Дмитриј Уткин, и друг персонал на „Вагнер“.
Несреќата на 23 август се случи точно по два месеца откако Пригожин го предводеше прекинатиот бунт против руската војска, кога неговите сили зазедоа клучен воен објект во Јужна Русија пред да се упатат кон Москва.
Пригожин долго време беше во несогласување со руските воени сили поради, како што изјавуваше, историјата на недоволното снабдување со оружје додека неговите сили се обидуваа да заземат украинска територија за Кремљ.