Белгија подготвена да ги прими повредените жители на Газа

Болниците во Белгија се подготвени да ги примат повредените жители на Газа доколку тоа го побара Египет, изјави денеска белгискиот министер за одбрана Лудивин Дедондер.

„Воената болница „Кралица Астрид“ во Брисел е подготвена, доколку тоа го побараат египетските власти, да ги прими ранетите во одделението за изгореници. Во соработка со белгиското Министерство за здравство, ние сме подготвени да се грижиме за други повредени лица во различни болници или здравствени установи во земјата“, додаде таа при обраќањето пред Претставничкиот дом, пренесува Брисел тајмс.

Белгискиот премиер Александре Де Кроа, кој во моментов е во дводневна посета на Блискиот Исток заедно со неговиот шпански колега Педро Санчез, денеска го повика Израел да ги отвори граничните премини со палестинската енклава за да ја олесни испораката на хуманитарна помош, пренесува Танјуг.

„Израел треба да отвори други премини. Имаме само еден премин, што не е доволно. Израел треба да се отвори повеќе за да ја достави помошта што им е потребна на цивилите“, рече Де Кро за време на заедничката прес-конференција со Санчез и египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси.