Бенјамин Нетанјаху: “Нема засолниште за убијците на Хамас и место во Појасот Газа до кое Израел нема да стигне“

Нема ниту едно место во Појасот Газа до кое Израел нема да стигне, ниту едно скривалиште или ниту едно прибежиште за Хамас, порача денес израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, додека израелската Армија оперира во најголемата болница во палестинската енклава.

Ќе пристигнеме и ќе го елиминираме Хамас и ќе ги вратиме заложниците“, порача Бенјамин Нетанјаху за време на посета на воена база во Израел.

Нема засолниште за убијците на Хамас“, потенцираше тој.

Израелската Армија денес изврши рација во болницата „Ал-Шифа“ во Појасот Газа, каде што врши претреси, сметајќи дека таму се наоѓа стратешката база на Хамас. Оваа операција предизвика вознемиреност кај илјадниците палестински раселени луѓе кои се засолниле во болницата.

Обединетите нации соопштија дека се „згрозени“ од потегот на Израел, додека Бенјамин Нетанјаху посочува дека го спроведуваат тоа што го зацртале.

Тие не замолија да не влегуваме во Појасот Газа. Па, сепак влеговме. Ни рекоа дека нема да стигнеме до влезот во градот Газа, но ние успеавме. Ни рекоа дека не можеме да влеземе во болницата ‘Ал-Шифа‘ и еве сме“, истакна Бенјамин Нетанјаху.

Огромниот болнички комплекс „Ал-Шифа“ во последните неколку дена беше во центарот на борбите меѓу израелските војници и палестинските борци на Хамас.

Болницата Ал-Шифа“ во Појасот Газа

Болницата претставува главна цел за Израел, кој вети дека ќе го „уништи“ исламистичкото движење Хамас по неговиот крвав напад на израелска територија на 7. октомври. Во Појасот Газа, кој е под целосна израелска опсада од 9. октомври, населението е лишено од вода, струја, храна и лекови.