Словенија и Германија сакаат заеднички да го забрзаат процесот за прием на земјите од Западен Балкан во Европската унија, беше соопштено по средбата на германската министерка за надворешни работи Анален Бербок и словенечката министерка Тања Фајон денеска во Љубљана.
„Членството на земјите од Западен Балкан во Европската унија е наша заедничка цел“, изјави германската министерка за надворешни работи Бербок по средбата со нејзината словенечка колешка Фајон.
И двете политичарки нагласија дека рускиот напад врз Украина покажа дека проширувањето на ЕУ е „геополитичка неопходност“.
Во таа смисла, Бербок ја критикуваше блокадата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој се противи на натамошното проширување на ЕУ.
Фајон изјави дека заедно со Бербок следната година ќе ја посети Босна и Херцеговина.
Бербок додаде дека процесот на проширување на ЕУ мора да се одвива истовремено со реформските процеси. „Тоа се две страни на иста монета“, рече Бербок.