Бериша ги повикува ОН и американскиот Конгрес да спроведат истрага за „трагичниот и насилен настан“ во кампот на муџахедините
– Лидерот на побројното крило на опозициската Демократска партија, поранешен албански претседател и премиер Сали Бериша, ги смета за „срамни денешните случувања во кампот на МЕК во Манз, кај Драч“ каде „едно лице го загуби животот а десетици други беа повредени“.
Бериша преку порака на социјалните мрежи ги повика ОН и Конгресот на САД да го истражат овој, како што го нарекува, трагичен и насилен настан.
– Ги повикувам ОН, Конгресот на САД, ја повикувам Северноатлантската алијанса, институциите кои се занимаваат со бегалците, да преземат итна меѓународна истрага за овој срамен трагичен настан. Настан целосно неоправдан, што ја срами Албанија, која грубо ги крши меѓународните конвенции за бегалците и законите на земјата, напиша Бериша.
Според медиумите сè уште точно не се знае што се случувало во кампот на МЕК кога полицијата почна контрола, бидејќи има различни изјави од страните.
Претходно беше соопштено дека Државната полиција наишла на отпор од жителите во кампот на МЕК, при вршење на контроли по налог на Специјалниот суд против корупција и организиран криминал. Полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата, додека портпаролот на кампот Ашраф Шахријар Киа изјави дека еден од жителите бил убиен во судирите со полицијата.
Според албанската полиција „во кампот имало отпор против полицијата, но дека нема загуби во животи. Во болницата на кампот има едно починато лице, но не е потврдено кога“. Според истиот извор контролата е поради фактот дека „жителите во кампот го прекршиле договорот од 2014 година кога биле сместени тука од хуманитарни цели“.
Дека во кампот било тензично потврдува и итното пристигнување на припадниците на единицата за специјални интервенции „Ренеа“.