Бесими: Повеќекратни придобивки од изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д

Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска пред стопанствениците порача дека економските импликации од реализацијата на проектот за изградба на автопатите на коридорите 8 и 10д се повеќекратни.

– Тие што се економисти и што се занимаваат со теоријата на економија, но и тие што работат практично во стопанството, знаат што значи инвестицискиот мултипликатор. Директната поврзаност според физибилити студија, директно поврзани нови работни места се 3000. Индиректно дополнително 5000, тоа се околу 8000 работни места. Дополнително од аспект на инвестициите од милијарда и 300 милиони евра за пет години период на изведба, се некаде номинално 2 проценти од БДП, нови пари за инвестиции од Буџетот, рече Бесими, одговарајќи на прашање од претставници на бизнис заедницата во Стопанската комора во однос на проектот за коридорите што ќе го спроведува „Бехтел и Енка“.

Даночните ослободувања на овој договор, како што дополни, не се есклузива. Такви одредби се применуваат на сите инфраструктурни проекти што одат во Собрание.  

– Ослободувањето од давачки ја ослободува ликвидноста во стопанството, ја намалува даночната оптовареност на нашето стопанство. Трета работа од ова за целиот проект е не само за овој туку и за другите, и домашните компании се ослободени од данок, рече Бесими.