Беспилотни летала погодија складишта за нафта во регионите Тамбов и Адигеја

– Русија денес објави дека во текот на ноќта беспилотни летала погодиле складишта за нафта во регионот Тамбов и Република Адигеја.

Гувернерот на Тамбов, Максим Јегоров, изјави дека имало експлозија и пожар во складиште за нафта во областа Расказовски.

Јегоров рече дека инцидентот наводно бил предизвикан од беспилотно летало, додавајќи дека во округот Првомајски во регионот биле пронајдени остатоци од друго беспилотно летало.

„Нема жртви. Преземени се сите мерки за да се осигура безбедноста во регионот“, додаде Јегоров.

Мурат Кумпилов, претседател на Адигеја, на Телеграм соопшти дека напад со беспилотно летало во текот на ноќта предизвикал пожар во селото Енем, на околу 15 километри од градот Краснодар. Тој додаде дека пожарот зафатил површина од околу 400 квадратни метри и дека нема жртви.

Повеќе украински медиуми, вклучително и државната новинска агенција Укринформ, цитираа извори што рекоа дека беспилотните летала ѝ припаѓаат на Службата за безбедност на Украина (СБУ).