Бесплатна достава на лекови за старите и изнемоштени лица од Малешевијата

Се надминува проблемот со достава на лекови за старите и изнемоштени лица од Малешевијата. На иницијатива на Здружението „Малешевци за Малешевијата“, а во соработка со компанијата Зегин, од денес започнува бесплатна достава на лекови до домовите на сите стари, изнемоштени и болни лица во Малешевијата.

– Го поздравуваме ваквиот потег на реномираниот аптекарски бисер ” Зегин“, со кој заеднички започнуваме со бесплатна достава на лекови до сите жители на Малешевијата. Сите кои сакаат бесплатна достава на купените лекови, можат да се јават на телефонскиот број 033 280-383, каде што во најкус можен период ќе им биде донесен лекот до нивната адреса, истакнаа од здружението „Малешевци за Малешевијата“.

Хуманистот Благој Механџиски кој и самиот е иницијатор за формирање на здружението, вели дека активноста за бесплатна достава на лекови ќе биде бенефит за сите граѓани, на кои и тоа како им е потребна оваа помош.

– За жал во Малешевијата останаа повеќе стари изнемоштени лица, кои секојдневно се борат со бариерите и препреките за да дојдат и да си ги купат потребните лекови. Компанијата „Зегин“ отсекогаш се грижи за граѓаните на Малешевијата, па затоа ја увидовме оваа потреба и со нивна согласност било со рецепт или на слободно, лековите од денес ќе им бидат доставени на домашните адреси на сите граѓани во секое населено место во Малешевијата со бесплатна услуга, истакна Механџиски.

Бесплатната достава ќе важи само за општините Берово и Пехчево како и селата кои потпаѓаат во Малешевскиот регион.