Бестрашни деца на Јемен: Додека Израел го бомбардираше аеродромот во Сана, тие играа фудбал

Во време кога израелските воени авиони извршуваа масовни воздушни напади врз меѓународниот аеродром во Сана, децата од блиското соседство, бестрашно и без паника, продолжија да играат фудбал на импровизирано игралиште.

Видео кое кружи на социјалните мрежи прикажува деца како трчаат по топка додека се крева чад – моќна и трогателна слика за секојдневниот живот во воено разурнатиот Јемен.

Утрово, израелските воздухопловни сили извршија повеќекратни напади врз аеродромот во Сана, главниот град на Јемен, кој е под контрола на бунтовниците Хути. Нападите целосно го онеспособија аеродромот, ја уништија пистата, терминалот, блискиот магацин и дел од воената база.

Според информациите што ги објавија медиумите во Јемен, најмалку три лица се убиени, а 38 се ранети во израелските напади. Израелската војска соопшти дека целите биле објекти за кои се верува дека се користат за складирање и транспорт на оружје што го користат Хутите во нападите врз Израел.

Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, изјави дека нападите биле насочени против Хутите и предупреди дека Израел „ќе продолжи да дејствува каде што е потребно за да ги заштити своите граѓани“.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изрази загриженост во врска со бомбардирањето на аеродромот во Сана, нагласувајќи дека ваквите напади претставуваат закана за хуманитарните операции. Повеќе од 80 проценти од населението на Јемен зависи од хуманитарна помош, а нападите врз клучната инфраструктура дополнително ги загрозуваат животите на милиони луѓе.