Бес и огорченост кај Французинките откако Макрон застана во одбрана на актерот Жерар Депардје

Францускиот претседател Емануел Макрон застана на страната на филмската ѕвезда Жерар Депардје и се спротивстави на, како што рече, „ловот“ по него.

Тој се огради од барањето на француската влада на актерот да му го одземе највисокото одликување на Франција, орденот Легија на честа, по обвинувањата за сексизам и сексуален напад, пренесува „Политико“.

– Јас сум голем обожавател на Жерар Депардје, тој е одличен актер… Помогна да се запознае светот со нашите големи писатели, ја прави Франција горда – изјави лидерот на Франција за време на интервјуто за ТВ каналот „Франс 5“ ( Франција 5).

Депардје во последниве години се соочи со низа обвинувања за сексизам и сексуално насилство, кои тој ги негираше.

По неодамна објавениот документарец „Complement d’Enquete“ на телевизијата Франс 2, во кој Депардје дава грозни коментари за жените за време на неговото патување во Северна Кореја во 2018 година, францускиот министер за култура побара да му биде одземена Легијата на честа.

Во март 2022 година, парискиот суд одлучи да ја продолжи истрагата против добитникот на наградата во Кан, откако една актерка го обвини за силување. Подоцна се огласи актерката Шарлот Арно, која рекла дека таа е жената која го обвинила Депардје и дека не може да продолжи да молчи за сето она што го доживеала.

Оттогаш, повеќе од 10 жени го обвинија Депардје за сексуален напад.

Феминистките во Франција го критикуваа претседателот за одбрана на актерот Жерар Депардје, кој е обвинет за сексуално вознемирување. Сандрин Русо, пратеник од Партијата на зелените, изјави дека претседателот ги навредувал жртвите на сексуално насилство бранејќи го актерот.