Во Варшава беа одржани билатерални политички консултации помеѓу Северна Македонија и Полска. Од македонска страна, делегацијата ја предводеше заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, а од полска страна, заменик министерот за надворешни работи за Европа и ЕУ, Марек Правда.
Фокус на разговорите на двете делегации беа билатералните односи меѓу двете земји и широката секторска соработка, која изминатите три децении континуирано се унапредува. Северна Македонија и Полска одбележаа 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи во 2023 година. Беше нагласено дека Северна Македонија и Полска, како две пријателски земји, споделуваат заеднички европски вредности на меѓусебно разбирање и меѓусебно почитување, а билатералната соработка се карактеризира со динамичен и континуиран политички дијалог и партнерски односи. На консултациите, соговорниците се согласија дека се потребни заеднички напори и активности за да се подобри економската соработка и трговската размена.
Заменик министерот Димитровски истакна дека високо ја цениме континуираната и гласна поддршка на Полска на пристапниот процес на нашата земја во ЕУ, рефлектирана билатерално и во рамки на Вишеградската група, пријателите на Групата за проширување на ЕУ и Вајмарскиот триаголник. Уверени сме дека поддршката ќе продолжи со истата енергичност и во текот на претседавањето на Полска со Советот на ЕУ во првата половина на 2025 година – нагласи заменик министерот Димитровски.
ЗМНР Правда го поздрави реформскиот напредок на нашата земја кој нѐ носи сѐ поблиску до европското семејство и истакна дека Полска ќе продолжи гласно и недвосмислено да нѐ поддржува на европскиот пат.
Делегациите разменија мислења и за состојбите на Западниот Балкан, како и за глобални и актуелни геополитички прашања.