Косовскиот вицепремиер и главен преговарач во дијалогот со Србија, Бесник Бислими изјави дека Косово се согласило со предлогот на посредникот на Европската унија во дијалогот, Мирослав Лајчак за прашањето на забраната на динарот во Косово, додека Србија побарала дополнително време, јави дописникот на МИА од Приштина.
По денешната средба во Брисел со српскиот главен преговарач во дијалогот, Петар Петковиќ, која се одржа со посредство на Лајчак, Бислими рече дека страните имаат големи разлики околу решението на прашањето за динарот и дека „Србија не била подготвена за компромиси“.
– Оваа средба беше закажана со идеја страните да понудат решение, додека српската страна побара повеќе време од причина што немаа овластувања за одлучување. Минатата недела на српската страна ѝ беше јасно дадено до знаење дека следната средба може да се одржи само доколку се појават со идеја за компромис. За жал, и денеска имавме големи разлики, рече Бислими.
Според него, додека косовската страна разговарала за опциите со кои српските граѓани можат да ја добијат дополнителната финансиска поддршка од Србија, српската страна дејствувала како адвокат на Поштенската банка на Србија.
– Цело време (српската страна) разговараше како да се регулира лиценцирањето на оваа банка, што не е ниту надлежност, ниту интерес на инволвираните страни. Гледајќи ја неможноста да се постигне компромис, Лајчак даде консолидиран предлог, кој сметаме дека е конструктивен и е на вистинскиот пат да се најде решение кое најдобро ќе им одговара на српските граѓани во Косово, но во исто време ќе ја почитува Регулативата на Централната банка на Косово (ЦБК), изјави Бислими по средбата.
Ова беше четврта средба за еден месец меѓу претставниците на Косово и Србија во врска со одлуката за определување на еврото за единствено средство за готовинско плаќање во Косово, односно за забраната на користење на динарот.
На денешната средба е договорено следната рунда преговори за ова прашање да се одржи во Брисел за две недели.