– Денешната, четврта рунда меѓу главните преговарачи на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ, со посредство на Европската унија, заврши без никаков договор за прашањето за српскиот динар, чија употреба беше забранета во Косово во февруари годинава, јавија приштинските медиуми.
Бислими по состанокот, кој го водеше посредникот на ЕУ во дијалогот меѓу Приштина и Белград, Мирослав Лајчак, изјави дека српската страна не дошла со идеја како да се справи со предлог на Лајчак, кој беше изнесен на претходниот состанок, одржан на 4 април.
Косовскиот вицепремиер го спомена и контекстот на последните случувања во кој се одржа денешниот состанок во Брисел.
„Денешниот состанок се одржа два дена по многу важната одлука во Советот на Европа, одлука со која се манифестира европскиот модел, но и косовскиот модел за тоа како треба да се промовира интеграцијата на регионот, но и да се градат односи меѓу соседните земји. Исто така, еден ден по манифестацијата на српскиот модел на нормализација и интеграција или имплементација на договори, што се манифестира преку разоткривање на средновековниот менталитет на постапување со граѓаните на една соседна земја, преку нивно запирање на гранични точки, апсење, малтретирање. Така што, веројатно во овој контекст треба да се гледа и пристапот на Србија кон денешната средба“, рече Бислими.
Според него, српската страна на денешната средба „совршено ја покажа залудноста и ја видовме лажноста на нивното претходно тврдење дека наводно имаме итно прашање каде што некои српски граѓани не успеале да ги добијат своите бенефиции“.
„Исто како и во минатото, имаше нула интерес од српска страна да се занимава со овие граѓани и целата нивна енергија повторно е насочена кон лиценцирање на еден економски субјект на Србија во Косово, што за нас е неприфатливо и ние тоа постојано јасно го кажуваме“, рече Бислими.
Според него, „денешната средба требаше да се случи само во конструктивен дух и на неа требаше да се разговара за консолидираниот предлог на г. Лајчак“.
„Наместо тоа, Србија дојде со сосема нов предлог, сакајќи да ја врати ситуацијата на почетната точка“, рече Бислими, додавајќи дека тоа не било прифатено и на крајот Србија се согласила да се врати на точката каде што требаше да се биде денес.
Поради тоа, рече тој, на следниот состанок ќе се разговара пред се за предлогот на европската страна.
„Следствено, денешната средба може да се нарече залудна, неплодна средба и можеби како успех на опструктивната политика на српската страна, која постојано сака да купи време и која го потврдува нашиот став дека во ова прашање со кое се соочуваме, веројатно нема никаква итност и нема никаква заинтересираност од српска страна да се решат грижите на српските граѓани (во Косово)“, рече Бислими.