Бислимоски: Ќе има одлука за цената на парното кога ќе добиеме цврсто уверување за монтирање на новиот топловод на „Беласица“
Одлуката за цената на парното ќе ја донесеме кога официјално ќе добиеме цврсто уверување дека ќе се монтира новиот топловод на мостот „Беласица и дека ќе започне да се реализира тој проект, а веќе по информациите што ги имам нема никаков проблем помеѓу ЕСМ и Град Скопје. Со таа одлука нема да дозволиме да има какви било ценовни шокови за потрошувачите на топлинска енергија во Градот Скопје, истакна денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.
– Скопје ќе има парно греење, никогаш тоа не било доведено во прашање. Она на што инсистира РКЕ е тоа да биде по далеку пониски трошоци и РКЕ од тоа нема да отстапи. Скопје и со постојната инфраструктура што ја има со двете топлани без кој било цевковод може да се снабдува со топлинска енергија и ќе нема никаков проблем во однос на снабдувањето со топлинска енергија. Поентата на сето тоа на што ние реагираме е што е можно повеќе топлинска енергија да ни дојде од ТЕ-ТО за да ги намалиме трошоците на целокупниот систем, рече Бислимоски во одговор на прашање пред почетокот на Економскиот форум „Од криза до решенија: Станавме ли поотпорна економија денес?“ во организација на Фајнанс тинк.
Нагласи дека ТЕ-ТО дава топлинска енергија која што е со пониска цена за 2,5 – 3 пати отколку цената на топланите во Градот Скопје.
– И да не работи ТЕ-ТО, тоа ќе биде проблем на ЕСМ, и нема тоа да биде вкалкулирате во пресметките. Ако носиме одлука за цена дали е помал цевковод или поголем не не’ интересира. Ние во калкулациите ќе влеземе дека од ТЕ-ТО ќе се добие 60 до 70 проценти од топлинската енергија за да ја сочуваме ценовната стабилност. Зголемените трошоци во однос на тоа се разбира дека ќе си одат на тој којшто има проблеми да го реализира, посочи Бислимоски и додаде дека нема да има никаков проблем со снабдувањето и потврди дека РКЕ нема да дозволи да има какви било ценовни шокови.