Битиќи: Да се издигнеме над ривалствата и поделбите, да бидеме одлучни за европската иднина на Македонија
„Во очи на Велигден, празникот кој носи надеж во срцата, љубов и радост, упатуваме порака за мир, меѓусебно разбирање, но и одлучност за иднината на државата“, вели во видео обраќањето, Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.
Битиќи посочува дека во овие денови се судираат два спротивставени политички концепти, при што одредени политичари се вознемирени кога гледаат пријателства меѓу различните.
„Тие политичари знаат дека не може да бидат луѓе со широко срце, со мир во душата, со подадена рака кон различниот, независно дали се Македонци, Албанци. Срби, Роми, Торбеши… или пак христијани или муслимани. Нивниот личен немир се обидуваат да го прелеат на улиците и во секојдневието на нашето општество. Насилството е единствениот начин на кој ја разбираат политиката и не се срамат, ниту воздржуваат на тоа да ги подучуваат и младите, да ги злоупотребуваат и разгневуваат“, вели Битиќи.
Тој истакнува дека треба да се градат мостови кои ќе ги надминуваат поделбите во општеството, а различните етнички, верски и културни припадности се силата на Македонија, кои сме должни да ги штитиме.
„Кога им се насмевнуваме на соседите, кога си подаваме леб едни на други, ние градиме мостови кои ги надминуваат поделбите. Но, кога нетрпеливоста ќе се прелее во нашите домови, тие мостови се рушат. Етничките, верските и културните различности се наша сила, но и должност да ги штитиме“, вели Битиќи.
Потпретседателот на СДСМ во видео обраќањето апелира христијанскиот празник Велигден да биде мотив за надминување на националистичките нетрпеливости.
„Драги сограѓани, Велигден нека ни биде поука, мотив и инспирација, да се издигнеме над ривалставата и националистичките нетрпеливости. Овој христијански празник нè подучува на жртвување, на љубов. Да нè потсети дека нашите постапки одекнуваат и кај идните генерации. Заеднички да го пронајдеме мирот во себе, но и во нашето општество“, вели Битиќи и повикува да се совладаат стравот и конфликтите со другарство и пријателство.
Упатувајќи честитка до православните граѓани на Македонија, Битиќи ја истакнува и важноста да се отфрлат политиките кои внесуваат поделби и да се прифати разбирањето.
„Да ја отфрлиме политиката на поделби и да го прифатиме патот на разбирањето. Да се собереме околу идејата за европска Македонија, дом во кој ќе има достоинствено место за секого. Да им подадеме рака на оние на кои им е потребна, да ја прифатиме различноста и да изградиме мостови кои ќе ги поврзуваат нашите срца. На сограѓаните од православна вероисповед од срце Ви посакуваме благословени и хармонични празнични денови“, вели во видео обраќањето ко-носителот на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2, Фатмир Битиќи.