Битиќи: Животниот стандард на граѓаните е уништен, во јули минималната кошничка достигна 65.328 денари
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, вели дека во последните четири месеци минималната кошничка се зголемила за 3.473 денари, објавува Телеграф Македонија.
„Вредноста на синдикалната потрошувачка кошничка се зголеми од 61.855 денари во март на 63.908 денари во мај, а потоа во јуни достигна 64.698 денари, а во јули нов рекорд од 65.328 денари. Ова е зголемување од 3.473 денари за само четири месеци, или повеќе од една и пол минимална плата.
Во исто време, просечната нето плата се зголеми од 44.763 денари во март на 45.796 денари во мај, што е зголемување од само 1.033 денари за три месеци. Јазот меѓу приходите и расходите драматично се зголемува“, изјави пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната партиска прес-конференција.
Тој додаде дека оваа ситуација директно му штети на животниот стандард на граѓаните:
„Двајца вработени со минимална плата од 24.379 денари во семејство, а сепак нема да имаат доволно средства за месечни трошоци. Денес, за да се покрие синдикалната кошничка од јули, потребни се речиси 2,7 минимални плати. Ова значи дека дури и семејствата со двајца вработени не можат да обезбедат добар живот“, рече Битиќи.
Битиќи предупреди дека без зголемување на реалните приходи, куповната моќ на граѓаните ќе продолжи да се намалува, додека економската неизвесност ќе се зголеми.