„Ние се грижиме за оние кои се во пензискиот фонд. Одлуката е, следната недела мислам дека ќе завршиме со антикризните мерки, ќе бидат опфатени сите пензионери од загрозените категории пензии до просечната плата со дополнителна помош што ќе им биде дадена во наредните месеци“, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во „Утрински печат“.
Тој додаде дека пензионерите од ранливите категории ќе добиваат ваква помош најмалку до април следната година.
„Создадовме неколку категории пензионери, пензионери кои примаат до 14.000, до 16.000 и до 19.000 денари. Тие ќе добијат дополнителна финансиска помош како што преговара работната група. Ќе добијат фиксна отштета“, рече Битиќи.
Битиќи додаде дека различни категории ќе добиваат различни износи на помош и рече и дека продолжува мерката енергетска помош за категориите во ризик за социјалните пензии.