– Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, во својот редовен извештај до генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), предупреди на досега незабележани напади врз Дејтонскиот мировен договор.
Шмит го поднесе својот редовен извештај до генералниот секретар на Обединетите нации, во кој се наведени настаните што се релевантни за спроведувањето на Генералниот рамковен договор за мир во Босна и Херцеговина во периодот од 16 април до 15 октомври 2023 година.
Како авторитет во полето на дејствување, високиот претставник предупреди на досега незабележани напади врз Мировниот договор и уставно-правниот поредок на Босна и Херцеговина, вклучително и на високиот претставник и Уставниот суд на Босна и Херцеговина како нивни заштитници. Тој посочи дека одговорноста за нападите ја имаат властите на Република Српска (РС), предводени од претседателот на РС, Милорад Додик, за кој се воведени меѓународни санкции поради заканите за Мировниот договор.
Високиот претставник решително ги отфрли погрешните толкувања на Дејтонскиот договор во РС што служат за сецесионистички цели, вклучително и тврдењата што го негираат континуитетот на Босна и Херцеговина и погрешно го претставуваат нејзиниот Устав.
„Државата Босна и Херцеговина не е сојуз на држави или конфедерација. На територијата на Босна и Херцеговина има само една држава, а тоа е Босна и Херцеговина“, нагласи високиот претставник.
Тој посочи дека на меѓународната заедница и понатаму ѝ остануваат на располагање инструментите за да се спротивстави на заканите во однос на Мировниот договор. Овие инструменти мора да се одржуваат и зајакнуваат.
Во извештајот, исто така, како позитивни достигнувања се споменуваат чекорите што се преземени за подобрување на институционалната функционалност на Босна и Херцеговина и напредокот кон интеграцијата во ЕУ. Високиот претставник ги информираше членовите на Советот за безбедност дека во периодот опфатен во извештајот се зголемил бројот на насилни напади врз повратниците и дека корупцијата сè уште е широко распространета. Сè уште има многу предизвици поврзани со приспособувањето кон европските и меѓународните стандарди, вклучително и оние во областите на демократијата, владеењето на правото, економијата и социјалната политика.
Високиот претставник Кристијан Шмит ќе го претстави својот следен редовен извештај во Советот за безбедност на ОН во мај 2024 година.