ОН: Хуманитарниот прекин на огнот е прашање за живот или смрт

 – Агенцијата на Обединетите нации за палестинските бегалци (УНРВА) вчера соопшти дека моменталниот прекин на огнот во Појасот Газа е „прашање за живот или смрт”.

УНРВА го нарече „шокантно“ немилосрдното израелско бомбардирање на блокираната палестинска енклава.

„Нивото на разорување е без преседан. Човечката трагедија што се одвива пред нас е неподнослива. Моменталниот прекин на огнот е прашање за живот или смрт за милиони луѓе“, објави УНРВА.

Агенцијата на ОН ја нарече „присилно раселување“ актуелната израелска офанзива со која илјадници луѓе се принудени да ги напуштат своите домови во Газа.

„Над 670.000 луѓе се наоѓаат во засолништа во речиси 150 пренатрупани објекти на УНРВА. Овие луѓе се соочуваат со влошување на хуманитарните услови и сериозни здравствени и безбедносни ризици“, се наведува во соопштението на УНРВА.

Израелската војска ги прошири своите воздушни и копнени напади врз Појасот Газа, кој е под немилосрдни авионски бомбардирања по нападот што палестинската група Хамас го изведе врз Израел на 7 октомври.

Во нападите на Хамас врз Израел загинаа 1.538 Израелци.

Во израелските напади на Појасот Газа досега животот го загубија 8.796 Палестинци. Министерството за здравство на Газа информираше дека меѓу загинатите, 3.648 се деца, 2.290 се жени, а повредени се 22.219 лица.