“Би сакал повторно да играм со Лионел Меси, лесно е со него!“ – Уште една поранешна ѕвезда на Барселона доаѓа кај Аегентинецот во Интер Мајами !?
Уште еден поранешен фудбалер на Барселона наскоро би можел да му се приклучи на Лионел Меси во редовите на Интер Мајами.
Станува збор за Чилеанецот Артуро Видал. Поранешниот долгогодишен играч на Баерн Минхен играше со Лионел Меси во Барселона меѓу 2018 и 2020 година и би можел повторно да ги здружи силите со него.
„Би сакал повторно да играм со Лионел Меси. Многу е лесно да се игра со него, само треба да му ја додадеш топката“, изјавил 36-годишниот Артуро Видал за TNT.
Сепак, има проблем во целата приказна. Имено, правилата на МЛС лигата го ограничуваат бројот на странци во одреден клуб, а тоа е наводно една од причините поради која Луис Суарез порано не потпиша за Интер Мајами.
„Би бил среќен повторно да играм со Лионел Меси и Серхио Бускетс. И двајцата играат со срце и цел, а имаат одличен тренер, Тата Мартин“, додал актуелниот фудбалер на Атлетико Паранаенсе.
Лионел Меси веќе покрај себе во Интер Мајами ги има поранешните фудбалери на Барселона, Серхио Бускетс и Жорди Алба. Дали Артуро Видал ќе им се придружи, останува да видеме во иднина.