„Благодарение на вештачката интелигенција, луѓето ќе работат три и пол дена во неделата“

Извршниот директор на JP Morgan Chase, Џејми Димон изјави дека во иднина, благодарение на развојот на вештачката интелигенција, луѓето ќе работат три и пол дена во неделата.

„Вашите деца ќе живеат до 100 години и нема да заболат од рак благодарение на технологијата, а веројатно ќе работат само три и пол дена во неделата“, изјави Димон за ТВ Блумберг.

Тој изјави дека технологијата за вештачка интелигенција веќе ја користат илјадници вработени во JP Morgan Chase и дека ќе донесе радикално подобрување на квалитетот на животот на работниците, иако ќе доведе и до исчезнување на некои работни места.

Димон истакна дека вештачката интелигенција е „клучна за идниот успех на неговата банка“.

Шефот на JPMorgan Chase претходно истакна дека вештачката интелигенција може да и помогне на фирмата да развие нови производи, да го поттикне ангажманот на клиентите и да ја подобри продуктивноста и управувањето со ризикот.