Благоја Милевски: “Против Англија играте еднаш или ниеднаш во кариерата“

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски ги искажа своите очекувања за утрешниот квалификациски натпревар за ЕУРО 2024 со Англија.

Македонија покажа не само сега во моментов, туку покажува и назад неколку години дека има квалитет и потенцијал да биде конкурентна во Европа. Да не се навраќам што овие момци имаат постигнато низ годините. Овој тим има потенцијал да одигра добар меч со Англија, а потоа да биде конкурентна и во квалификациите. Ме радува фактот што Серафимов и Велковски го завршија тренингот без проблеми. Се надевам дека ќе се стават во функција на денешниот натпревар. Натпреварот кој ни следи го играте еднаш, можеби и ниеднаш пак во своите кариери. Мора да го потврдиме она кое го покажавме во претходните дуели. Околу Англија, не треба да се трошат зборови, дали е индивидуален или тимски најдобар. Се работи за екипа со врвни фудбалери, кои пред некое време ја освоија Лигата на шампионите. Би ја сместил Англија во ТОП-3 во Европа и ќе ни биде чест да одиграме меч со таков ривал“, изјави Милевски на денешната прес-конференција.

Средбата ќе се одржи утревечер на „Олд Трафорд“ во Манчестер со почеток во 20:45 часот.

Англичаните се први на табелата во Ц-групата од квалификациите со максимални девет бодови, македонската селекција има три бода исто колку и Италија и Украина. Малта е последна без освоен бод.