Благој Бочварски: “Експертскиот извештај ќе ги покаже идните чекори за реализација на автопатот Кичево-Охрид“

„Не е запрена изградбата на автопатот Кичево-Охрид, тој ќе биде завршен, а експертскиот извештај ќе ги покаже идните чекори за реализација за изградбата“, посочи денес министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, одговорајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата со претставници од транспортната заедница. Извештајот ќе биде подготвен и доставен до Владата наредните седум до десет дена. Проектот ќе се финансира преку буџетски средства.

Најпрвин за автопатот Кичево-Охрид, добро се објаснети сите состојби коишто таму се случуваат во делот на проектантските слабости на изградбата на тој автопат. Она коешто го најавивме пред неколку недели, а тоа е дека од страна на ескперт ќе биде изготвен извештај, ќе биде доставен до ЈП за државни патишта и заедно со Министерството за транспорт ќе го приложиме извештајот до Владата. Во наредните седум до десет дена очекувам да биде завршен тој извештај и потоа да биде доставен на разгледување на седница на Влада после што ќе имаме појасна слика во однос на идните чекори“, изјави Благој Бочварски.

Министерот за транспорт уверува дека автопатот ќе биде завршен, но согласно експертскиот извештај ќе се утврдат идните чекори за реализација кои ќе овозможат безбедно движење.

Она коешто е важно и она коешто сакам да го истакнам е дека нема никој дилема дека тој автопат, мора да биде завршен. Не станува збор за никакво запирање на изградбата, но по кој пат, и во кој правец и преку кои чекори ќе стигнеме до најбрза реализација, но и притоа тој автопат да биде стабилен и безбеден за движење на граѓаните тоа ќе го дадат, секако експертите после изготвувањето на тие извештаи. Рокот на завршување е 31. 12., но она коешто ќе го добиеме како извештај од страна на фидик-експертите во која насока ќе продолжиме понатаму со работа на реализација на овој проект“, вели Благој Бочварски.

Министерот одговори дека проектот ќе се финансира со буџетски средства, кои треба да бидат одобрени од Собранието. Благој Бочварски вели дека проектот треба да заврши со пуштање во употреба на автопатот, нагласувајќи дека може да биде пуштен во употреба по делници, таму каде што ќе бидат овозможени, создадени услови за безбедно движење на сообраќајот. Експертскиот извештај ќе ги каже потребните детали за проектот.

Првата година од реализацијата на овој проект, проектот се финансираше преку буџетски средства и наредната година 2024 ќе се финансира со буџетски средства коишто веќе се одобрени од страна на Владата, нормално и треба да бидат одобрени и усвоени од страна на Собранието преку предлог буџетот којшто е таму. Во овој момент, проектот продолжува во реализација преку буџетски средства. Она коешто во овој момент го имаме е дека ние продолжуваме со реализација на проектот преку буџетско финансирање“, кажа Благој Бочварски