– Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека во посета на Израел допатувал и како Евреин и дека донел силна порака за поддршка од Соединетите Американски Држави (САД).
Блинкен во Тел Авив се состана со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а по состанокот им честиташе на Израелците на храброста.
„Денес сум тука не само како американски државен секретар туку и како Евреин“, изјави Блинкен.
Тој додаде дека донел силна порака за американската поддршка и дека САД секогаш ќе стојат покрај Израел.
Наведувајќи дека го поздравуваат договорот меѓу Нетанјаху и опозицискиот лидер Бени Ганц за формирање „вонредна влада на национално единство“, Блинкен рече дека САД секогаш ќе му ја даваат потребната помош на Израел и дека за тоа има силна поддршка во Конгресот.
„Го повторувам предупредувањето што вчера го даде претседателот Џо Бајден. Им порачуваме на сите државни или недржавни актери што сакаат да ја искористат актуелната криза да не го напаѓаат Израел. САД стојат зад Израел“, рече Блинкен.
Истакнувајќи дека луѓе од 36 земји исчезнале или загинале во израелско-палестинскиот судир, Блинкен рече дека разбира оти Хамас не го претставува палестинскиот народ или неговата желба да живеат во еднаквост, безбедност, слобода, правда и достоинство.
„Ги цениме човечкиот живот и достоинството. Затоа е толку важно да се преземат сите можни мерки на претпазливост за да се спречи нанесување штета на цивилите. Затоа жалиме за смртта на секој невин живот, на секој цивил од секоја религија и нација“, нагласи Блинкен.
Израелскиот премиер Нетанјаху истакна дека посетата на Блинкен е уште еден конкретен пример за единствената поддршка на САД за Израел.
„САД се на наша страна“, рече Нетанјаху.
Заблагодарувајќи им се на претседателот Бајден и на американскиот народ за поддршката во израелската „војна против Хамас“, Нетанјаху ги повика шефовите на држави да не се среќаваат со Хамас.
„Тие треба да бидат исклучени од меѓународните формации“, рече Нетанјаху и повика да се воведат санкции за оние што го поддржуваат Хамас.