– Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска по најавата на Израел дека ќе изгради околу 3.300 нови станови на окупираниот Западен Брег, изјави дека Вашингтон смета дека овие еврејски населби го кршат меѓународното право.
Блинкен со тоа ја отфрли таканаречената доктрина на Помпео, врз основа на која еврејските населби не се сметаат за спротивни на меѓународното право.
Таквата политика од 2019 година, спроведена од тогашниот американски државен секретар Мајк Помпео, го отфрли меморандумот од 1978 година на правниот советник на американскиот Стејт департмент Херберт Хансел, кој ги означи еврејските населби како нелегални.
Администрацијата на Бајден досега избегнуваше да се спротивстави на таквата позиција.
– Новите населби се контрапродуктивни за постигнување одржлив мир, рече Блинкен на прес-конференција во Буенос Ајрес.
– Тие се и во спротивност со меѓународното право. Нашата администрација цврсто се противи на проширувањето на населбите. Според наше мислење, тоа само ја ослабува, а не ја зајакнува безбедноста на Израел, оцени американскиот државен секретар, пренесоа израелските медиуми.
Најавувајќи ги плановите за нова изградба на станови во еврејските населби, израелскиот министер за финансии Бецалел Смотрич рече дека тоа е „соодветен ционистички одговор“ на вчерашниот вооружен напад на Западниот Брег.
Поголемиот дел од меѓународната заедница ги смета еврејските населби незаконски според меѓународното право и главна пречка за решавање на конфликтот меѓу два народа според моделот на две држави, кој предвидува создавање на палестинска држава на Западниот Брег и во Појасот Газа.