Блинкен: Завршивте исклучително добра работа, успеавте да ја проширите мисијата на ОБСЕ и покрај значителните пречки

Завршивте исклучително добра работа, успеавте да ја проширите мисијата на ОБСЕ и покрај значителните пречки, порача американскиот државен секретар Ентони Блинкен на средбата попладнево во Скопје со министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи.

 -Прекрасно е да се биде тука, прекрасно е да се биде во Северна Македонија, прекрасно е да се биде со сите наши колеги. Доаѓам од НАТО, што е соодветно бидејќи Северна Македонија е силен сојузник и партнер на САД и на сите наши сојузници во Алијансата, и тоа секојдневно го гледаме. Морам да ви кажам колку сме благодарни на вашето претседавање со ОБСЕ во многу тежок период. Завршивте исклучително добра работа, успеавте да ја проширите мисијата на ОБСЕ и покрај значителните пречки. Знам дека бевте подготвени да продолжите, но мило ми е што Малта ја преземе палката, рече Блинкен.

Имаме стратешко партнерство, додаде Блинкен,  кое навистина е фокусирано на работата која ја вршиме заедно како сојузници и партнери, но исто така и работата која што заеднички  ја вршиме на билатерално ниво.

-Како што знаете ние силно ја поддржуваме вашата евроатлантска интеграција, ја поддржуваме работата за зајакнување на вашите демократски институции, силно ја поддржуваме работата што ја вршите за поголема енергетска диверзификација во регионот и пошироко, што ќе има големо влијание. Во сето ова можете да сметате на САД како силен партнер и затоа една од причините поради кои сум тука оваа вечер не е само заради ОБСЕ туку и за Северна Македонија и да покажам колку го цениме партнерството кое го имаме, нагласи државниот секретар Блинкен.

Американскиот државен секретар ќе учествува на неформална вечера која му претходи на Министерскиот совет на ОБСЕ, кој официјално почнува утре.

Во најавата од Стејт департментот за посетата на Блинкен на Скопје се наведува дека тој ќе ја потврди цврстата посветеност на САД кон ОБСЕ и нејзината основна мисија за унапредување на безбедноста, стабилноста и соработката меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирното решавање на спорови. Секретарот Блинкен, исто така, ќе ја истакне клучната улога на ОБСЕ во унапредувањето на сеопфатната безбедност во регионот и ќе и се заблагодари на Северна Македонија за нејзината лидерска улога.

Министерскиот состанок во Скопје го одбележува токму присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, што го прави еден од ретките настани на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Засега нема најава за средба на Блинкен и Лавров. 

Виш функционер на Стејт департментот, пак, денеска изјави дека не очекува американскиот државен секретар Блинкен да има каква било средба со рускиот министер за надворешни работи Лавров за време на состанокот на ОБСЕ во Северна Македонија, пренесе дописничката од Гласот на Америка од Стејт департментот.

-Не очекуваме средба, потврди функционерот од Стејт департмент на прашањето за можноста за каква било средба меѓу Блинкен и Лавров.

Блинкен од Скопје доцна вечерва заминува за Блискиот Исток . Состаноците на Лавров за време на Самитот на ОБСЕ во Севрена Македонија ќе бидат утре, наведува дописничката на Гласот на Америка од Стејт департментот.