Блинкен заминува за Тел Авив со јасна порака од Бајден – САД му даваат поддршка на Израел

 Зборувајќи со новинарите пред да се качи на авион во базата Ендрјус, американскиот државен секретар Антони Блинкен кажа дека заминува за Израел со „многу едноставна и јасна порака во име на претседателот на САД и во име на американскиот народ“, а тоа е дека САД даваат поддршка за Израел.

Тој соопшти дека ќе се сретне со премиерот Бенјамин Нетанјаху, претседателот Исак Херцог и други високи претставници по слетувањето во текот на денов.

Блинкен повтори дека САД се решени да се погрижат Израел да има средства да се брани.

Тој наведе дека САД ќе продолжат да работат за да не се приклучат дополнителни актери во борбата против Израел, додавајќи дека ќе работи со израелските колеги за да ги лоцира заложниците – меѓу кои има и американски државјани – за нивно ослободување.

Прашан дали администрацијата на Бајден го повика Израел да покаже воздржаност во одговорот на нападите на Хамас, Блинкен кажа : „Знаеме дека Израел ќе ги преземе сите мерки на претпазливост – исто како и ние. Тоа е она што нè одвојува од Хамас и терористичките групи кои се занимаваат со најгрозоморни активности“.