Блискиот Исток сè повеќе се загрева, Хутите без двоумење се закануваат на Израел и Америка: „Ние сме во состојба на готовност“

Откако беа објавени информации за тоа како Израел, во координација со САД, планира напад врз Иран, јеменските Хути се огласија и испратија јасна порака и до Вашингтон и до израелските претставници.

Според информациите што еден од јеменските функционери ги сподели со „Њузвик“, Хутите влегоа во состојба на целосна воена готовност.

„Движењето практично е во состојба на војна со ционистичкиот режим. Првенствено поради опсадата и агресијата врз Газа, а потоа и нападот врз Јемен. Во овие рамки, ние сме во постојана готовност и се обидуваме да ги интензивираме нашите операции против овој узурпирачки режим“, рече еден од функционерите.

Тие, исто така, издадоа предупредување за каква било потенцијална акција на САД против Хутите или Иран.

„Ние сме на највисоко ниво на подготвеност за каква било ескалација на тензиите што би можела да ја предизвика Америка. Секоја акција против Исламската Република Иран исто така ќе биде опасна акција против нас и ќе го одвлече целиот регион во бездната на војната“, изјавија тие.

Тие веруваат дека влегувањето во нова војна нема да им користи на американскиот народ.

„Америка нема право, во служба на ционистичкиот режим, да ги напаѓа нашите земји. Секоја воена авантура од страна на Израел или Америка би можела да го вовлече регионот во општа војна“, заклучија тие.