БЛОКИРАНА ИСТРАГАТА ЗА МАСАКАРОТ ВО БЕЛГРАДСКОТО УЧИЛИШТЕ – Таткото на момчето-убиец може да биде пуштен на слобода !?
Во вторникот се навршија точно пет месеци откако момчето-убиец влезе во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград и со пиштолот на својот татко уби деветмина негови врсници и еден училишен чувар, а рани уште шест лица.
Истрагата против таткото на Коста К. (14 г.) се уште не е е завршена.
Како што дознава Blic.rs, истрагата е блокирана со вештачењето наложено од Високото јавно обвинителство во Белград, кое не е завршено и покрај бројните итни наредби од оваа институција.
„Обвинителството нареди да се изврши медицински балистички преглед кој треба да укаже на начинот на смртта на жртвите на момчето-убиец, и на прострелните рани и од кое оружје се нанесени. Тоа вештачење треба да ги потврди сомнежите дека момчето-убиец пукал со пиштол што неговиот татко го поседувал законски“, вели извор на Blic.rs запознаен со случајот.
Сепак, како што се дознава, ова вештачење не е завршено.
„Надлежното обвинителство во последните два месеци напиша низа итни наредби и барања што поскоро да се достават, бидејќи без нив не може да се донесе одлука за евентуално поднесување обвинителен акт против таткото поради сомнежот дека оружјето не го чувал безбедно. За тоа време вработените во Институтот заминале на одмор, а со вештачењето ништо не било направено“, додал изворот за Blic.rs.
Обвинителството има рок да донесе одлука за ова во следниот месец. Во спротивно, таткото на момчето-убиец ќе биде ослободен.