Богоев: Со систем за управување со ризици и податочен склад до повеќе приходи во Буџетот, за болници, инфраструктурни проекти, училишта и сузбивање на организиран криминал
– Систем за управување со ризици и податочен склад ќе овозможи да се соберат повеќе приходи во Буџетот, што значи повеќе пари за болници, инфраструктурни проекти и училишта и сузбивање на организираниот криминал. Ова го истакна на денешната прес конференција во Царинската управа, директорот Стефан Богоев, кој заедно со директорот на корејска Царина, Квангхио Ко, официјално го означи отпочнувањето на проектот за имплементација на систем за управување со ризици и податочен склад, со 4,8 милиони долари грант од Република Кореја.
– Во изминатиот период заедно со експерти од корејската царина работевме на сеопфатна анализа на ризиците и соодветно со тоа беа детектирани и конкретните потреби на Царинската управа, коишто треба да се опфатат при имплементација на системот, рече тој.
Богоев појасни дека, конкретно, имплементацијата на овој систем ќе овозможи подобрување на менаџирањето со ризици, подобро таргетирање декларации во кои постои ризик за плаќање давачки во помал износ од реалната цена на стоката, ризик од погрешно царинско распоредување или ризик од неточно пријавување на потеклото на стоката.
– Важно е да се истакне дека одлуката за доделување на грант од 4,8 милиони долари за имплементација на ваков систем следи по тригодишна анализа на македонската царина, по што Владата на Република Кореја донесе одлука дека како лидери во регионот, грантот треба да и биде доделен токму на македонската Царина, подвлече директорот.
Тој се заблагодари на Корејската царинска управа за нивните заложби за развој на нашата Царинска управа.
– Со Кореја формално воспоставивме дипломатски односи од 2019 година, а овој проект е во насока на зајакнување на тие односи. На проектниот тим од корејска страна и на мојот тим им посакувам успешна работа која треба да резултира со настан во рамки на којшто официјално ќе се промовира системот, додаде Богоев.
Квангхио Ко појасни дека проектот е финансиран од ОДА, Канцеларија за помош за развој на Кореја и нагласи дека е значаен бидејќи за прв пат Корејска Царина имплементира систем за е-царинење во Европскиот регион.
– Овој систем ќе ја зголеми работната ефикасност и ќе ја олесни логистиката во Северна Македонија преку интегрирано информатичко управување со ресурси и ризици. Очекуваме дека тоа ќе придонесе кон успешна интеграција на земјата во ЕУ. Покрај проектот, се надеваме дека ќе ја прошириме соработката во различни области на првиот состанок на директорите на двете царини денес, вклучувајчи го и потпишувањето на спогодба за взаемна помош во царински прашања и да изградиме силна соработка, подвлече тој.
Притоа нагласи дека Корејска Царина ќе ги вложи сите напори не само за успешна имплементација на проектот, туку и за продлабочување на соработката за взаемен развој.