Високиот претставник на ЕУ оцени дека е потребна промена на парадигмата во европската одбрана, истакнувајќи дека Европа предолго ја делегирала својата безбедност на САД.
Војната на Русија против Украина претставува егзистенцијална закана за целата Европска унија и ја принуди Унијата да ја стави одбраната во центарот на сопствената безбедносна политика, изјави високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, пренесе агенцијата Танјуг.
„Во време кога американското учество во Европа станува сè помалку сигурно, оваа војна претставува егзистенцијална закана за ЕУ“, рече Борел во блог на веб-страницата на Европската служба за надворешни работи, по повод објавувањето на неговата книга „Европа меѓу две војни“.
Тој оцени дека е потребна промена на парадигмата во европската одбрана, истакнувајќи дека Европа предолго ја делегираше својата безбедност на САД и дозволи „тивко разоружување“ во последните 30 години, по падот на Берлинскиот ѕид.
„Ако (рускиот претседател Владимир) Путин успее да ја уништи независноста на Украина, тој нема да застане тука. Ако победи и покрај очигледната поддршка што ЕУ и САД и ја даваат на Украина, тоа ќе испрати опасен сигнал за нашата способност да се залагаме за она во што веруваме“, додаде тој.
Според него, ЕУ мора да прифати стратешка одговорност и да стекне способност да се брани преку градење силен европски столб во рамките на НАТО.
„И ние мораме да го направиме овој пробив за многу краток временски период. Не затоа што одиме во војна, напротив: сакаме да ја спречиме со тоа што ќе добиеме средства за сигурно да го одвратиме секој агресор“, нагласи Борел.