Борел доаѓа во Скопје, но нема да разговара со Лавров

Шефот на европската дипломатија Џозеф Борел денеска изјави дека ќе отпатува во Скопје на состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), но нема да разговара со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Борел на прес-конференција со шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба во Брисел рече дека не би сакал седиштето на ЕУ да остане празно во Советот на ОБСЕ.

Тој појасни дека ќе присуствува на официјалната вечера, но потоа ќе мора брзо да се врати поради другите средби во Брисел.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност најави дека е завршена главната работа за новите европски санкции против Русија поради војната во Украина, додека изрази надеж дека соодветната одлука ќе биде одобрена во декември.

„Не гледам знаци на замор во ЕУ од војната во Украина, сите се загрижени и ги знаат успесите на Украинците. Не смееме да дозволиме да бидеме уморни“, коментира тој.